Раст на цените на свежата храна од 15% за само три месеци

Фантастичен раст од дури 15% на цените на прехранбените производи кои најмногу ги користи секое домаќинство за само три месеци измери порталот Твои пари.мк.

Остварувајќи ја нашата мисија и цел да бидеме водич за избор на најниските цени и за заштеда на пари и во инфлаторни услови, Твои пари.мк, кој редовно ги следи цени на основните прехранбени производи во 4 маркети во земјава – Рамстор, Рептил, Тинекс и Веро, кои се јавно достапни на нивните портали за онлајн продажба, направи споредба на висината на цените на 252 основни прехранбени производи во четирите маркети. Првичните цените се од месец јули 2022 година, а последните од октомври 2022 година.

Анализата покажа дека најголем раст има кај цените на свежите прехранбени производи (месо, млеко, сувомеснати и млечни производи, путер, овошје и зеленчук), од дури 15%. Притоа, забележителен е драстичен раст на цените кај сите маркети.

Споредено по маркети, цената на кошничката од 53 производи најмногу е зголемена во Веро – за 18%. Кошничката опфаќа свежо месо, сувомеснати производи рефус (мортадела, шунка, колбаси, салама, кулен, печеница, свински врат), кашкавали, путер, павлака, кисело млеко, јогурт, неутрална павлака, слатка павлака, трајно млеко, јајца, овошје и зеленчук. Вредноста на оваа кошничка во јули годинава била 12.717 денари, а во октомври 15.045 денари.

Во Рептил, цената на кошничката од 62 производи е зголемена од 20.084 денари на 23.322 денари, односно за 16%. Цената на кошничката од 80 производи во Рамстор е зголемена од 24.825 денари на 28.318 денари, односно за 14%. Во Тинекс, цената на кошничката од 91 производ е зголемена од 28.847 денари на 32.367 денари, односно за 12%.

 

Во еден маркет цените на 17 основни прехранбени производи пораснаа за 21%

 

Кај основните прехранбени производи (маслиново масло, оцет, вегета зачин, сол, црвен пипер, ориз, грав, леќа, макарони, шпагети, мајонез, кечап, доматен сос, корнишни, ајвар, туна во конзерва) забележителен е раст на цените само кај Рептил маркети, каде цената на кошничката од 17 производи е зголемена од 2.329 денари на 2.829 денари, односно за 21%.

Во Веро и во Тинекс има незначителен пораст на цената на кошничката, од околу 2%. Цената на кошничката од 14 производи во Веро е зголемена од 1.777 денари на 1.810 денари, а во Тинекс кошничката од 26 производи поскапела од 4.057 денари на 4.128 денари, што може да се толкува како резултат на разни промотивни акции кои започнале или завршиле во даден момент. Тоа е причината и за намалената цена на кошничката од 28 производи во Рамстор, од 3.804 денари на 3.754 денари.

Замрзнатата храна има релативно стабилни цени. Во анализираниот период, забележителен е минимален раст на цените во Рамстор, каде цената на кошничката од 33 производи (замрзнат зеленчук, замрзнато овошје, лиснати пецива, тесто за пица, помфрит, полуготови јадења, пилешко месо, риба и морски плодови) е зголемена од 6.117 денари на 6.319 денари, односно за 3,3%. Во Тинекс има незначително намалување на цената на кошничката, што може да се толкува како резултат на разни промотивни акции кои започнале или завршиле во даден момент. Во Рептил и во Веро нема доволна онлајн понуда на производи од асортиманот на замрзната храна и затоа не се рангирани во оваа категорија.

 

Поскапеа и слатките и солените производи

 

Слатките и солени прехранбени производи, исто така, бележат раст на цените. Најголем е во маркетите на Рептил, каде цената на кошничката од 42 производи (кроасани, чоколаден крем, чоколади, бонбониери, наполитанки, бисквити, колачи, чипс, смоки, грисини) е зголемена од 4.443 денари на 4.684 денари, односно за 5,4%.

Цената на кошничката од 53 производи во Рамстор е зголемена од 5.498 денари на 5.769 денари, односно за 5%. Во Тинекс, цената на кошничката од 69 производи е зголемена од 10.340 денари на 10.739 денари, односно за 3,9%. Во Веро има минимален раст на цените во кошничката од 56 производи, кои се зголемени од 6.415 денари на 6.528 денари, што е раст од 1,7%.

Цените на пијалоците најмногу пораснале во маркетите на Веро. Во Веро, кошничката од 22 производи е зголемена  од 1.249 денари на 1.311 денари, што е ценовен раст од 5%. Кај останатите маркети има незначителен раст. Во Рамстор од 0,6%, во Рептил од 0,3%, а во Тинекс од 0,7%.