Учиме да штедиме! Сѐ што не сте научиле од родителите

Според некои пишани правила, би требало да заштедите 20% од месечниот приход, но кај нас тоа им успева или го прават многу малку луѓе.

Затоа сакаме да ви поделиме неколку корисни совети како да управувате со личните финансии, кои треба што побрзо да ги усвоите.

 

Колкава улога во личните финансии игра психологијата?

Голема. Доколку личните финансии би можеле да се сведат само на бројки и математички модели, работите би биле релативно едноставни, а проблемите би биле релативно лесно решливи. Важно е да се истакне дека финансиската писменост се состои од три дела: знаење, однесување и ставови. Знаењето се бројките, а како се однесуваме и дали го трошиме тоа што го немаме за тоа што не ни треба, тоа е сосема друга приказна. Еден од клучните ставови кој го одредува нашето однесување е дали парите се само за трошење или и за штедење?

Ако состојбата на сметката ти е нула, сакаш да купиш скап предмет со камата од 10% годишно, веројатно ќе знаеш да пресметаш колку ќе платиш на крај, зависно од бројот на ратите. Но, дали тоа знаење ќе те одврати од купување и покрај фактот дека во следната година дена поради тоа ќе бидеш во постојан минус?

Или за да се покажеш мора да купиш нов автомобил иако стариот ти е сосема во ред. Тоа исто така не е добра финансиска одлука, без оглед дали можеш да си ја дозволиш или не. Уште повеќе ако не можеш да си ја дозволиш.

 

Како да си ги одредиш целите?

Првата цел на сите треба да им биде достоинствена пензија. Но, за неа е премногу рано, па од самиот почеток, штом почнеш да заработуваш, треба да почнеш и сам да штедиш бидејќи од државата и пензиските фондови нема да добиеш кој знае што.

Втората важна цел би требало да биде решавање на станбеното прашање. Што друго и да посакаш дополнително, како на пример патување или автомобил, секогаш треба да имаш остварлив план.

 

Колку треба да штедиш од месечниот приход?

Според некои основни пишани правила, би требало да штедиме 20% од месечните приходи, но дали секој успева или го прави тоа? Секако, постојат и луѓе кои успеваат да заштедат и половина плата, па секоја чест за нив. Сепак, може да се започне со полесна цел, па тоа може да бидат 50 или 100 евра месечно, а тоа на долг рок ќе се натрупа. Нашата препорака е да се штеди колку се може и во моментите кога се може.

 

Како да се со(чуваат) заштедените пари?

Со инвестирање. Многу за тоа може да се слушне на разни конференции за финансиска писменост. Денес, постојат различни видови на штедење, како орочено или детско, инвестиции како вложувања во обврзници, злато, недвижности и инвестициски фондови, па до високоризични шпекулативни инвестиции како што се криптовалути. Многу е важно добро да се знаат предностите и недостатоците на сите видови вложувања и да се одберат модели соодветни на личноста и карактерот. Некои имаат добри нерви, а други не поднесуваат ниеден вид на ризик.

 

Како да се распореди месечната плата?

Во време на инфлација и сеопшт раст на цените, кој не е следен од растот на личните приходи, тоа е многу тешко. Инаку, генералното правило е половина плата да се троши на домот и исхраната, 30% на уживање, излегување, рекреација, а 20% треба да се штедат. Парите се штедат и се инвестираат додека ни е добро, токму за да можеме да се покриеме во периоди на криза.

Правилно распореденото долгорочно штедење во секој случај е најдобра опција. Но, исто така и не треба да се паничи во време на криза, инфлација и рецесија, затоа што треба да знаеме дека ни тоа нема да трае вечно.