Кошничка од 126 прехранбени производи во Рептил маркети во овој момент вреди 30.486 денари. Истата кошничка пред една година во Рептил ве чинеше 26.679 денари. Сега е поскапа за 14,27%.
Ова го покажува анализата на Твои пари, базирана на регистрирани цени на веб-страницата marketonline.mk, преку која Рептил врши онлајн продажба. Цените се повисоки во просек за 14% и покрај воведените гарантирани цени од страна на Владата, кои требаше да ги вратат старите пониски цени во маркетите.
Твои пари.мк, преку својата база на податоци, ги спореди цените во Рептил маркети во септември лани и во октомври оваа година. Ги анализиравме цените на бројни производи кои опфаќаат свежо и смрзнато месо, месни преработки, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, кондиторски производи, тестенини, зачини и други додатоци.
Кои цени соборуваат рекорди во раст?
Кај одделни прехранбени производи, кои се користат секојдневно во секој дом, има драстичен раст на цените. На пример, екстра девственото маслиново масло од еден литар од брендот „Салвадори“ е поскапо за неверојатни 89%, а домашниот ориз на „Сончева долина“ од 900 грама е поскап за 74%. Тегла мајонез „Томи“ од 611 грама и тегла ајвар „Мамас“ се поскапи за 33%, а килограм маслинки „Каламата“ за 23%. Цената на килограм шунка од „Пекабеско“ пораснала за 54%, на куленот за 32%, а на печеницата за 31%.
Цените на кондиторските производи бележат раст кој се движи од околу 20% до 40%. Но, бидејќи станува збор за производи чии цени најчесто се движат од 30 до 200 денари, можеби граѓаните не ја забележуваат драстичната разлика во цените сѐ додека не ја добијат сметката на каса.
Кај овошјето и зеленчукот во Рептил може да се забележи и пад на цените, како на пример кај лимонот, кромидот, морковите и краставиците.
Што се случува со цените на месните и млечните производи?
И овие производи се со повисоки цени и покрај најавите и ветувањата за нивно поевтинување. Кај свежото месо има минимално покачување на цените од 2% до 5%. Но, кај месните преработки, како што прикажавме и погоре има навистина големи поскапувања, кои сериозно влијаат на сечиј личен буџет. Покрај месните производи на Пекабеско, кај кои се забележува многу големо покачување на цените, повисоки се и цените на производите на „ПИК Врбовец“ и на Косиљак.
Кај млечните производи има пад на цените кај кашкавалите на „Олденбургер“ и „Милрам“, потоа кај Алпското трајно млеко и киселото млеко, киселата павлаката на „Идеал Шипка“ и на „Бимилк“. Кај останатите млечни производи ценовниот раст се движи од околу 5% до 20%.