- За 14,1% се повисоки цените на кошничка од 131прехранбен производ во Веро маркетите за една година. Оваа кошничка во септември лани чинела 21.951 денар, а сега за нејзе треба да платите 25.051денар. Ова го покажува анализата на Твои пари, базирана на регистрирани цени на веб-страницата verodrive.vero.com.mk, преку која Веро врши онлајн продажба.
Во споредба со ценовниот раст во Рамстор и во Рептил, излегува дека во Веро е најмал, односно цените на храната поскапеле најмалку. Нашата анализа покажа дека кошничката од 126 прехранбени производи во Рептил во истиот период е поскапена за 14,27%, а во Рамстор кошничката од 185 производи е поскапа за 16,3%.
Факт е дека ценовниот раст не го запреа ни гарантираните цени, воведени од Владата пред речиси еден месец.
Твои пари.мк, преку својата база на податоци, ги спореди цените во Веро маркетите во октомври лани и во октомври оваа година. Ги анализиравме цените на бројни производи кои опфаќаат свежо месо и месни преработки, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, кондиторски производи, тестенини, зачини и други додатоци.
Кои цени пораснаа најмногу?
Вистински шок е растот на цената на оризот на „Сончева долина“ од 900 грама, кој изнесува дури 69,5%, како и на зачинот „Зачинал“ од 500 грама, кој изнесува 62,2%. Цената на оризот за една година пораснала од 82 на 139 денари, а на зачинот од 90 на 146 денари. Тегла мајонез „Томи“ од 611 грама е поскапа за 39%, а мајонезот на „Полимарк“ е поскап за 33%. Тегла ајвар „Мамас“ е поскапа за 25%.
Кај свежото месо исто така има зголемување на цените во Веро. Цените на јунешкото месо се повисоки за 11% до 19%, а на свинското за 9% до 12%.
Кај кондиторските производи, кроасаните на „7 Day“се поскапи за 43%, чоколадите на „Дорина“ се поскапи за 35%, а чипсовите за дури 50%.
Пораснаа и цените на млечните производи?
И овие производи се со повисоки цени и покрај најавите и ветувањата за нивно поевтинување. Цените на кашкавалите се повисоки за 4% до 13%, а кај некои производи има и поевтинување, како на пример кај киселото млеко и јогуртот.
Кај овошјето и зеленчукот исто така има раст на цените.