Мерката за гарантирана цена на дел од прехранбените производи, како лебот, млекото, јогуртот, тестенините, дел од месните производи, како и на безалкохолните пијалаци и пивото од утре нема да важи. Истекува и рокот на владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера порача дека секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни.
Голем број прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ од 20 септември се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август лани, согласно одлуката на Министерството за економија.
Одлуката се однесуваше на: ориз бел, во пакување од 900 g до 1 кг; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Петит бер“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 г; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 г; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 г; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 г; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500г; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 г; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци); традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.
До утре е во сила и Одлуката за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што се однесува на: светло пиво во пакување од 1,5 л во шише; газирани пијалаци (сокови) во пакување над 1 л во шише; негазирани пијалаци (сокови) во тетрапак пакување и минерална, газирана и негазирана природна изворска вода во пакување над 1 л во шише. Завршува важноста и на одлуките за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки и за кои применливата царина е 10 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јануари во однос на јануари 2023 година, бележи зголемување од 3,2 отсто, а на цените на мало од 2,8 отсто.