Секогаш кога ќе ти притребаат пари за финансирање на некоја лична или семејна потреба, сигурно размислуваш за можноста да позајмиш пари од банка.
Ајде да видиме како да донесеш паметна одлука и да направиш правилен избор.
На пример, ти треба финансиско решение во износ од 3.000 евра, односно 180.000 денари. Дали повеќе ти се исплати да земеш потрошувачки кредит во износ од 180.000 денари на 3 години или да искористиш дозволен кредитен лимит на кредитната картичка во истиот износ?
Што кажува споредбената пресметка?
За потрошувачки кредит без осигурителна полиса од 3.000 евра (користиме реален пример на кредит од банка во земјава) иницијално ќе платиш 300 денари за аплицирање и обработка на кредитот, 2.000 денари за одобрување и администрирање на кредитот, 500 денари за меница и интеркаларна камата, која ќе ти ја пресметаат на лице место. За отплата на кредитот, во првите 2 години ќе имаш фиксна месечна рата од 5.450 денари, а во третата година месечно ќе и плаќаш на банката 5.480 денари под услов каматната стапка да не се промени бидејќи после две години е променлива.
Значи, за позајмување на 180.000 денари ќе и платиш на банката 130.800 денари во првите две години, 65.760 денари во третата година и околу 3.000 денари административни трошоци. Вкупно 199.560 денари.Твојот трошок, односно каматата плус трошоците за обработка и одобрување на кредитот за ова задолжување ќе бидат околу 300 евра.
Ако се одлучиш за задолжување преку кредитната картичка што веќе ја имаш од истата банка, отплатата на долгот ќе оди на поразличен начин. Кредитната картичка најчество функционира на принципот риволвинг, односно ако имаш дозволен кредитен лимит од 180.000 денари и го потрошиш во еден момент, банката следниот месец ќе те задолжи со задолжителна отплата на минималниот месечен износ, а на остатокот ќе ти пресметува камата. Доколку се одлучиш за оваа варијатна, односно за отплата само на минималниот месечен износ, за потрошени 180.000 денари следниот месец ќе треба да и вратиш на банката 18.000 денари. На останатите 162.000 денари банката ќе ти пресмета камата од, на пример 11%(земаме заокружен износ за поедноставна пресметка), односно 1.485 денари.
Доколку ја раздолжиш исплатата на долгот на 36 месеци, на банката ќе и платиш вкупна камата во износ од околу 530 евра, а месечната рата ќе ти биде околу 100 евра.
Доколку, пак, се одлучиш за фиксен износ на месечна отплата, на пример од 90 евра, колку што би изнесувала ратата за потрошувачки кредит, во тој случај за 3.000 евра на банката ќе и платиш камата од околу 600 евра и ќе ти требаат 40 месеци за да го вратиш вкупниот долг.
Оваа пресметка е од информативен карактер. Точната пресметка ќе ја добиеш во банка и врз основа на тоа треба да одлучиш кое задолжување треба да го искористиш како најисплатливо решение.
За користење на кој било кредитен производ треба да ги исполниш и потребните услови што ги бараат банките, а едни од најважните се твојата кредитна способност и твојата кредитна историја.