Revolut е финансиска платформа која овозможува брз трансфер на пари локално и во странство. Во моментот има над 40 милиони корисници и дозволува трансфер на пари во над 70 валути и во повеќе од 160 земји.
Добрата вест е дека на списокот на земји е и Македонија, а на списокот на валути го има македонскиот денар. Дали префрлањето пари преку Revolut е исплатлива опција за граѓаните, кои дефинитивно се повеќе имаат потреба да праќаат или примаат пари од странство затоа што голем број од нив живеат или работат во странство.
Услугата не е бесплатна. Ако твој роднина или пријател од Австрија сака да ти прати 1.000 евра, провизијата ќе биде 10 евра и ти ќе добиеш на сметка 60.777,19 денари.
Ако ти испрати 1.000 евра од Хрватска, ќе добиеш 60.764,90 денари.
Ако ти испрати 1.000 евра од Германија, ќе добиеш 59.979,59 денари.
Ако од Македонија сакаш да испратиш 61.000 евра во Австрија, тогаш примачот во Австрија ќе добие 961,96 евра.
Ако испратиш 61.000 денари во Хрватска, примачот ќе добие 961,92 евра.
Ако испратиш во Германија, примачот ќе добие 962,26 евра.
Дали е поевтино од трансфер на пари преку банка? За прием на 1.000 евра од странство на твојата сметка во банка ќе платиш минимум 300 денари за обработка на приливот. Но, на овој износ треба да се додаде и провизијата на банката преку која се исраќаат парите. На пример, Рајфајзен банка во Хрватска за трансфер на 1.000 евра преку шалтер наплаќа провизија од 1,30%, односно 13 евра.
Притоа треба да знаеш дека испраќачот може да избере опција OUR при испраќање на парите, што значи сите трошоци за провизии ги плаќа тој, а примачот го добива целиот износ.
Доколку испраќачот избере SHA, ја плаќа само провизијата на својата банка, а примачот ја плаќа провизијата на својата банка. Ако избере BEN, сите трошоци паѓаат на товар на примачот на парите и тој ќе добие помал износ.
Банките во земјава нудат брз трансфер на пари и преку Western union, која е исто така финансиска платформа за трансфер на пари. За пренос на 1.000 евра наплаќа провизија од 25 евра.
Овие износи се добиени врз основа на информации објавени на веб-страните на банките и на финансиските платформи, а точните може да се добијат исклучиво од самата институција.
Како се користи Revolut? Парите може да се префрлаат на повеќе начини – преку сметка во банка, директно од банкарска картичка на банкарска картичка, помеѓу пријатели на Revolut кои ја користат оваа апликација и преку мобилен паричник со помош на телефонски број на пријателот.
Revolut нуди бесплатна припејд дебитна Mastercard картичка, поврзана со EU IBAN сметка со британска адреса, при што е потребно да се плати трошок за достава на картичката, бесплатно праќање и примање пари во рамките на Revolut. Нема експозитури и функционира преку мобилна апликација. Revolut нуди повеќе пакет услуги, од кои првиот е бесплатен, а останатите четири имаат месечен надоместок.
Примените пари може да ги трошиш веднаш со картичката, која можеш да ја додадеш и во мобилен паричник, а може да ги префрлиш и во банка, но за тоа банката ќе ти наплати провизија за прилив на средства.
Картичката е згодна при патување, бидејќи со неа се избегнува плаќање на разни надоместоци и конверзии, но на неа имаш ограничени средства. Може да ја надополнуваш преку банкарска сметка, дебитна или кредитна картичка или од некого да побараш да ти уплати пари. Бидејќи со Revolut се добива валидна IBAN сметка, може да примиш пари од различни извори. Особено е згодно што преку посебен линк може средствата директно да ги уплатиш на саканата сметка и во саканата валута. Значи на Revolut може да уплаќа кој било, без разлика дали е корисник или не, но не секогаш уплатата е без надоместок.