Што се ти треба за да поднесеш барање за кредит?

За да бидеш брз и ефикасен во постапката кога бараш кредит од банка, потребно е да знаеш кои се документи треба да ги подготвиш. Тоа ќе ти помогне да не мораш да трошиш време и да одиш повеќе пати во банка за да ги доставиш сите потребни документи.

Во некои случаи, целата документација можеш да ја доставиш и онлајн, но најчесто мораш да се појавиш во банка. Затоа е добро да знаеш што се треба да содржи твојата документација за да завршиш работа без многу нервози и потрошено време.

Потребните документи најмногу зависат од твојот работен статус и од тоа дали платата ја примаш преку банката во која бараш кредит.

Најчесто ти требаат:

  • Барање за одобрување кредит, пополнето и потпишано (може да се симне и онлај од веб-страницата на повеќето банки).
  • Согласност за проверка на твојата кредитна историја во Македонското кредитно биро.
  • Копија од документ за лична идентификација (најчесто лична карта)
  • Потпишана и заверена потврда за редовно вработување, која не е постара од 30 дена.
  • Извод од платежната сметка за последните минимум 6 месеци.
  • Извод од матична книга на родени/венчани не постар од 6 месеци.
  • Државјанство

Банката може да ти побара и дополнителна документација согласно нејзините процедури на работа.

Покрај општите услови кои ги пропишува секоја банка, важно е да знаеш дека секој барател на кредит мора да биде во постојан работен однос, од 3 до 6 месеци, зависно од банка до банка. Старосната граница за корисниците на кредит е минимум 20/21 година во моментот на одобрување и максимум 68/70 години во моментот на отплата на последната рата од кредитот.

Некои банки бараат и дополнителни средства за обезбедување на кредитот ако барателот не е постоечки клиент на банката, така што ќе мора да обезбеди и жирант.

Минималните месечни примања кои ти се потребни за банката воопшто да го разгледува твоето барање за кредит зависат од износот на кредитот што го бараш. На пример, за кредит до 1.000 евра, твојот минимален месечен приход мора да биде поголем од 6.100 денари, а во некои банки и од 8.100 денари. Како се зголемува износот на кредитот, така треба да бидат поголеми и твоите месечни примања.

Од моментот на одобрување на кредитот до моментот кога ќе ги добиеш парите може да поминат од 24 часа до 7 дена, зависно од банка до банка.

Важно е да знаеш дека банките нидат пониски каматни стапки за кредити за клиенти кои ја примаат платата преку истата банка. Ако не си клиент на банката, со гаранција ќе добиеш повисока каматна стапка. Банката секако ќе ти понуди да ја префрлиш платата за да ги искористиш поповолните услови, а одлуката зависи од тебе лично.

Воопшто не е страшно да се промени банката и воопшто не треба да те загрижува ако кредитот што ти одговара го дава друга банка. Доволно е само да поднесеш барање за кредит и кога ќе биде одобрен и парите ќе легнат на платежната сметка што ќе ти ја отвори банката, можеш да ја префрлиш и платата што ја добиваш во друга банка. Притоа во старата банка ќе треба да се раздолжиш доколку користиш дозволено пречекорување на тековна сметка.

Кога ќе ја префрлиш платата, не заборавај да ја затвориш платежната сметка во старата банка за да не плаќаш непотребни трошоци за одржување и на таа платежна сметка.