Кредитите што ги нудат банките во последно време добија нов трошок што задолжително треба да го плати корисникот, а тоа е ризико полиса, односно полиса за животно или осигурување од незгода како обезбедување на кредитот од неможност за отплата. И тоа не е мал трошок, може да биде и 500 евра, но и повеќе, зависно од возраста и здравствената состојба на корисникот.
Во повеќето банки веќе немате избор и мора да платите ризико полиса како обезбедување на потрошувачки кредит. Со тоа ризикот од неможност за отплата на кредитот го презема осигурителна компанија, а вие го плаќате тоа не така евтино.
Само мал дел од банките нудат избор, односно опција со и без вклучена ризико полиса, со тоа што потрошувачкиот кредит без осигурување е со повисока каматна стапка.
Затоа е многу важно да направите точна пресметка дали повеќе ви се исплати да земете потрошувачки кредит со ризико полиса и пониска каматна стапка или без осигурување и да платите повисока каматна стапка.
Еве еден пример. Една банка нуди потрошувачки кредит без вклучено осигурување со каматна стапка од 5,9%, фиксна за првите две години, и 6,9% променлива за останатиот период на отплата. За кредит од 10.000 евра со рок на отплата од 5 години, во првите две години ќе имате месечна рата од 193 евра. Во останатите три години ратата ќе ви биде околу 198 евра. Вкупно за пет години на банката ќе треба да и вратите околу 11.750 евра.
Ако го земете истиот кредит со вклучено осигурување, ќе имате каматна стапка од 5,7% фиксна за првите две години и 6,7% променлива за останатите три години. Тоа значи дека со оваа каматна стапка вкупно ќе и вратите на банката околу 11.685 евра.
Значи за овој кредит без полиса за осигурување ќе платите околу 65 евра повеќе за камата, а доколку го земете со вклучено осигурување, ќе платите 65 евра помалку за камата, но ќе мора да платите неколку стотина евра за осигурителната полиса. Колку точно ќе ве чини полисата за животно осигурување, за осигурување од незгода и слично, ќе ви пресмета осигурителната компанија, односно банката при обработка на документите за кредит.
За жал, овој избор го немате во повеќето други банки, каде обезбедувањето на кредитот со ризико полиса е задолжително и ќе мора да го имате предвид овој трошок кога одлучувате дали ви се исплати или не да земете кредит од банка.