Не кликајте на линкот од лажните СМС пораки за пари од Владата

Граѓаните не треба да даваат лични податоци и податоци за банкарски сметки или картички кои се бараат преку СМС пораки бидејќи станува збор за измама и обид за злоупотреба на нивните картички.

Откако се појавија СМС пораки со кои граѓаните се информираат дека добиваат нов додаток од Владата за ублажување на последиците од инфлацијата, Владата ги предупреди дека пораките се лажни.

Во пораките стои дека Владата дава додаток од 6.150 денари наменет за „зајакнување на куповната моќ на домаќинствата“. Преносот на средствата ќе се случи за три до четири дена. Пораката содржи и линк кој води до веб-страница која наликува на владината, а се испраќа од странски телефонски број.

„Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови  станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле”, предупредуваат од Владата.
И банките ги предупредија граѓаните да не споделуваат лични податоци на добиени СМС пораки и да не кликаат на линкот затоа што станува збор за обид за злоупотреба на нивните картички.