Која осигурителна компанија има најмногу исплатени штети, а која најмногу одбиени?

Ефикасна наплата на штета од осигурителна компанија е многу значајна за секого затоа што значи безбедни лични финансии. Кога наплатата на штета од осигурителната полиса оди без проблем, значи дека осигуреникот и компанијата имаат добар и функционален однос. Во спротивно, се појавуваат проблеми, кои може да завршат и на суд.

Направивме мала анализа на бројките од 2023 година за пријавени, ликвидирани, одбиени и судски оспорени штети кај осигурителните компании за неживот врз основа на нивните извештаи.

Во апсолутен износ, најголем број пријавени штети има во Триглав осигурување, но оваа компанија има и најголем број осигурителни полиси, така што овој податок не кажува многу. Затоа го анализиравме соодносот на бројот на ликвидирани во однос на бројот на пријавени штети.

Најголем процент на ликвидирани штети, што значи исплатени во однос на пријавени има Македонија осигурување (92,7%). Следуваат Халк осигурување со 92,4%, Граве осигурување со 88,9%, Еуролинк осигурување со 88,1%, Кроација осигурување неживот со 87,6%, Евроинс со 83,4%, Уника со 81,8%, Винер ВИГ со 81,4% и Триглав неживот со 81,3%. Потоа се Сава осигурување со 79,5% и АД Осигурителна полиса со 77,1%.

Кога станува збор за одбиени штети во однос на пријавени, најгоре на листата е Сава осигурување со 22,6%, а потоа следуваат АД Осигурителна полиса со 18,2%, Триглав неживот со 17,5% и Уника со 17%. Потоа доаѓаат Халк осигурување со 16,5%, Евроинс и Винер ВИГ со 15,6%, Кроација неживот со 13,2%, Еуролинк со 11,1%. Најмал сооднос на одбиени штети во однос на пријавени имаат Македонија осигурување со 7,9% и Граве осигурување неживот со 6,1%.

Дел од пријавените штети на осигурениците завршуваат и на суд. Соодносот број на штети во судски спор/број на пријавени штети покажува дека најголем процент има Уника со 10,8%, а следуваат Граве неживот со 5,8%, АД Осигурителна полиса 4,4% и Халк осигурување со 3,5%. Подобро се рангирани Винер ВИГ со 2,8%, Евроинс со 1,8%, Сава со 1,4%, Еуролинк и Триглав со 1,3%, Кроација неживот со 0,6% и Македонија осигурување ВИГ со 0,01%.