40 авиони на Визер се приземјени поради технички инспекции и затоа авиокомпанијата ќе скрати летови од Скопје од 27 октомври.
Според новиот план на летање, неделните летови од Скопје до Шарлроа и Ајндховен ќе се намалат од 5 на 4, за Берлин од 5 на 3, за Келн, Милано и за Хамбург од 4 на 3, за Хан и за Болоња од 3 на 2 и за Малта од првично планираните 4 на 3 лета неделно.
Причина за ваквата постапка на авиокомпанијата е проблемот со флотата и инспекцијата која се врши на сите авиони поради проблеми со моторите.
Визер од зимата 2024/2025 веќе нема да лета од Скопје до Бремен, Копенхаген и до Стокхолм Скавста. Во истиот период ќе се зголемат летовите до Нирнберг од 2 на 3 неделно, за Малме од 3 на 5 неделно, а за Лондон Лутон од 3 на 4 неделни летови.
Визер претходно најави дека планира да се врати на растот на своите фреквенции и мрежа надвор од своите бази во Скопје од летото 2025 година, и покрај проблемите со моторот на авионите, кои се очекува да ги има уште 2 години.