Која е најисплатлива опција за патничко здравствено осигурување

Патување во странство без патничко здравствено осигурување не е препорачливо затоа што никогаш не знаеш кога ќе ти затреба. Во екот на подготовките за летните одмори проверете дали имате патничко осигурување. Ако немате и имате намера да извадите, еве неколку корисни информации за да ја изберете најисплатливата опција.

Не е сеедно од која осигурителна компанија ќе купите осигурување и колку ќе го платите. Патничкото осигурување вообичаено покрива:

  • Трошоци за лекување во странство до одреден износ
  • Враќање на деца без родител/старател
  • Враќање на посмртни останки
  • Кражба на багаж
  • Задоцнет багаж
  • Загуба на патни документи
  • Надомест за телефонски трошоци

Притоа цените се доста различни од компанија до компанија. Направивме мало истражување на онлајн понудата на осигурителните компании за патничко осигурување за четиричлено семејство кое сака да летува 7 дена во Грција.

Пред се треба да изберете семејно патничко осигурување затоа што таа опција е поисплатлива од индивидуалното осигурување за секој член посебно. При изборот на компанијата треба добро да разгледате кои се трошоци и покритија ги вклучува осигурителната полиса и до кој износ и за која земја/и важи. Изберете ја таа полиса што сметате дека најдобро може да ви користи.

Колку чини семејно патничко осигурување?

Сава осигурување го нуди основниот Голд пакет по цена од 944 денари, надградениот Платинум по цена од 1.296 денари и ВИП пакетот по цена од 1.780 денари. За семејно осигурување, Сава дава попуст од 15% на редовните цени.

Во Триглав осигурување, Основниот пакет чини 541 денар, а Пакетот плус е 588 денари.

Во Винер-ВИГ осигурување на веб-страницата има податоци само за индивидуално патничко осигурување, кое според нашите услови во Компакт пакетот чини 215 денари по лице, во Премиум пакетот е 301 денар, а во Ексклузив пакетот е 431 денар по лице.

Македонија осигурување ВИГ го има Економик пакетот со цена од 172 денари по лице, Економик плус по цена од 237 денари по лице, Класик по цена од 431 денар по лице и Класик плус пакетот по цена од 539 денари по лице.

Цената на Оптимум пакетот во Еуролинк осигурување изнесува 984 денари, додека Премиум пакетот чини 1.228 денари, а ВИП пакетот 1.684 денари.

Другите осигурителни компании немаат објавено цени на веб-страниците.