Од денеска струјата e поскапа за 0,4% до 0,57% – сепак има начин да плаќате помали сметки

Сметките за електрична енергија на домаќинствата и на малите потрошувачи до крајот на годината ќе бидат повисоки за 0,4% до 0,57%, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок од 1,88 проценти, додека евтината струја ќе се зголеми за 0,65 проценти. Со ова за 88% од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. За 8% од домаќинствата кои имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво ќе се зголеми за 0,48 проценти, а за 4% од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот ќе се зголеми за 0,57%.

Во вакви услови, добро е да се знае кои апарати во домот колку струја трошат. Ако добро се организирате и правилно ги користите домашните апарати, може да влезете во категоријата која троши помалку струја и плаќа пониска цена.
Според анализите на експертите, бојлерот е  најголем потрошувач на електрична енергија и на него отпаѓа 24% од потрошената струја. Од бојлерот не можеме да се откажеме, но можеме да го смениме начинот на кој го користиме за да заштедиме струја.
Во текот на летните месеци намалете ја температурата на која се загрева водата бидејќи нема потреба да се прегрева и потоа да ја разладуваме. Бидејќи во текот на ноќта има евтина струја, вклучете го бојлерот навечер, а исклучете го наутро. Ако наместо бања во када, користите туширање исто така ќе на намалите сметката за струја.

Шпоретот во просечно домаќинство троши 15% до 17% од струјата. За помала потрошувачка на струја кога готвите поклопете го лонецот, користете лонец со рамно дно и според големината на ринглата. Кога ќе зоврие течноста, намалете ја температурата. Одлично решение е експрес лонецот на кој му треба 3-4 пати помалку време за да го зготви јадењето. Енергетски ефикасни се индукциските рингли кои го прескокнуваат загревањето и директно го греат лонецот. Рерните исто така доста трошат струја, па може да ги подесите во текот на ноќта да се вклучат и да го испечат јадењето. Добро решение се и микроталасните печки кои штедат 30% до 40% струја.

Најмногу струја машината за перење алишта троши за загревање на водата. Ако изберете програма од 60 степени, 80% од струјата оди за загревање на водата. Затоа користете еко програми и пониски температури. Истото важи и за машината за миење садови.

Центата на струјата треба да важи до крајот на годинава, а за наредниот регулациски период по 1 јануари 2025 година властите најавуваат намалување на цената доклку се е вообичаено и нема некои изненадувања.