Ако планираш патување во Грција, Косово или Шпанија, почекај со твојот шопинг во Зара Македонија! Цените во Зара продавниците во овие држави се пониски отколку во Македонија, а плус имаш и поврат на пари од tax free.
Разликата во цените е минимум 5 евра, а со повратот на данок може да стигне и до 15 евра.
Ги анализиравме цените на неколку производи во 7 држави – Македонија, Србија, Косово, Грција, Турција, Италија и Шпанија. Македонија не е меѓу најевтините кога станува збор за продавниците на Зара. Цените се најниски во Косово, Грција и во Шпанија. Македонија е поскапа, а уште повисоки се цените во Србија, Италија и во Турција.
На пример, женски фустан кој во Македонија се продава за 3.290 денари (53,40 евра) во Грција, Косово или во Шпанија чини 49,95 евра, во Србија е 56,30 евра, во Италија е 59,95 евра, а во Турција дури 63,53 евра.
Машко сако кое во Зара Македонија се продава за 6.490 денари (105,33 евра), во трите најевтини држави чини 99,95 евра, во Србија е 119,98 евра, во Италија 119 евра, а во Турција 127,34 евра.
Женска кожна чанта во Македонија има цена од 3.990 денари (64,75 евра), во Грција е 59,95 евра. Поскапа е во Србија со цена од 68,27 евра, во Италија е 69,95 евра, а во Турција 77,40 евра.
Ова ценовно правило важи за сите продавници што се дел од Индитекс групацијата, како што се Massimo Dutti и Pull & Bear.