Акции во странство може да купиш преку домашни или странски брокери или преку онлајн платформи. Изборот на кој начин ќе го направиш тоа е многу важен затоа што трошокот и ризикот може бидат ниски, но и многу високи. На брокерот или на онлајн платформата им доверуваш твои пари, а понекогаш и добар дел од твојата животна заштеда. Затоа не е сеедно што ќе избереш.
Интересот на македонските граѓани за купување акции во странство постојано расте. Како што растат заштедите на граѓаните, така се зголемува и потенцијалот за инвестирање во акции и фондови во странство. Како воопшто македонските граѓани може да купуваат акции и други инвестициски производи во странство?
Ако сака инвеститорот да се потпре на домашните брокери, тогаш процедурата е слична како при купување акции на Македонската берза. Започнува со отворање сметка и депонирање пари расположиви за тргување. Налозите за тргување може да се издадат по маил или по телефон. Инвеститорот треба да има и брокерски договор со друштвото во земјава, а треба да има потпишано и договор за старателски услуги.
Купувањето акции во странство преку домашни брокери вклучува трошоци за плаќање на неколку провизии, како што се: провизија за брокерите за издавање налог, за стрателски услуги, за трансфер на пари и слично.
Поевтина опција е доколку се регистрираш преку странски онлајн брокери или онлајн банки. Колку е подиректен пристапот, толку е поевтин затоа што избегнуваш бројни инвестициски, банкарски и старателски услуги и провизии за нив.
На што треба да посветиш внимание кога избираш странска брокерска куќа?
- Борокерската куќа да нуди широка лепеза на инвестициски производи, како што се акции, фондови (ЕТФ), криптовалути, суровини, како и останат инвестициски имот.
- Да биде доверлива, за што е важно да видиш колкав број на корисници има и од кои се институции е регулирана.
- Да има ниски трошоци за провизија и други инвестициски услуги.
Има повеќе странски бркерски онлајн платформи преку кои може да купуваш акции во странство.
Interactive brokers имаат седиште во САД, а се основани во 1977 година. Нивните услуги се достапни во Македонија, директно или преку Комерцијална банка како посредник.
Нудат голем број инвестициски производи, можност за купување на речиси сите познати светски берзи и во голем број различни валути. Можеш да отвориш сметка без да депонираш пари на неа, а за подигање пари од сметката нема провизија. Но, постапката за отворање сметка може да трае и до 3 дена и потребна е пообемна документација. Пари на сметката на Interactive brokers може да префрлиш со банкарски трансфер, но не и и преку дебитна или кредитна картичка или преку дигитален паричник. Истото правило важи и за подигање пари, при што е потребно да почекат и два дена за парите да легнат на твојата сметка. Веб-платформата на оваа куќа е многу едноставна и практична, но мобилната апликација може да биде комплексна и збунувачка, особено за почетници. Оваа брокерска куќа нуди доста едукативен материјал на нејзината страница, како и можност за отворање демо-сметка, со која може да си играш тргување и да видиш како функционира вистинскиот свет на инвеститорите.
Fortrade дигиталната платформа е регистрирана на Маурициус и е достапна во Македонија. Таа нуди онлајн решенија за тргување со валути, акции, индекси, благородни метали, енергетски производи, американски државни хартии од вредност и други производи на бројни пазари. Нејзините платформа е едноставна, при што има веб верзија и мобилна апликација. И оваа платформа нуди опција за демо-корисник со цел да го провериш и научиш режимот на работа и светот на инвеститорите пред да се префрлиш на релна сметка и вистински инвстиции.
Trading 212 имаат едноставна мобилна апликација и исто така е достапна во Македонија. Нивното седиште е во Бугарија, а ги регулираат Велика Британија, Бугарија и Кипар. И оваа куќа не бара пари за отворање сметка, ниту провизија за повлекување пари. Може да отвориш сметка за еден ден и преку неа да купуваш акции, делови од акции, да тргуваш со ЕТФ, Форекс и суровини. Пари може да префрлиш и да подигаш на различни начини (банкарски трансфер, картичка или дигитален паричник). Процедурата за отворање сметка е едноставна и кратка.
Revolut не е достапна во Македонија, но е достапна за македонските граѓани што имаат странски пасош или сметка во странска банка. Оваа банка се наоѓа во Лондон и нуди трансакции само во една валута. По отворањето сметка, постапка која е брза и едноставна, дозволува трансфер на пари на разилични начини, но повлекување може да се прави само со банкарски трансфер за што е потребно минимум еден ден. Има само мобилна апликација, а веб-платформа за тргување нема. Регулирана е од Централната банка на Литванија.
Trade Republic (германска брокерска банка) и EToro (израелска брокерска платформа) не се достапни во Македонија. Но, добро е да се знае дека овозможуваат евтини и едноставни трансакции.
Trade Republic e погодна за инвеститори кои сакаат едноставни и брзи вложувања во акции и ЕТФ-и. Надоместоците вклучуваат 1 евро по трансакција и одреден процент од износот на паричниот депозит. Трансфер на пари може да се прави преку банка, картичка или дигитален паричник.
eToro нуди можност за копирање портфолио на други клиенти. На оваа платформа може слободно да коментирате и лајкувате туѓи објави. Но, доколку не тргувате редовно, ќе мора да плаќате големи провизии. Дозволува трансакции само во долари и наплаќа провизија за секој паричен депозит. Има понуда на над 70 криптовалути, но со акции тргува на помалку од 20 берзи.