Да се купи се што им треба на децата за во училиште значи да се одвои добар дел од месечниот буџет само за оваа намена. Како да купиш се за во училиште, а да не потрошиш многу пари? Постојат три основни правила што треба да ги знаеш пред да тргнеш во набавка на се што е потребно за почетокот на училишната година.
Зошто? Почетокот на септември секогаш е финансиски тежок за родителите затоа што бара набавка на училишен прибор, ранци, облека, обувки, опрема за физичко образование, шишиња за вода, прибор за храна и друго, како и плаќање на бројни трошоци во училиште уште од самиот почеток на учебната година. Кога на тоа ќе се додадат и јазичните курсеви, спортските тренинзи и разни други дополнителни активности, списокот за купување станува поприлично долг.
Затоа во септември треба да се биде особено внимателен со цените во продавниците за училишен материјал, каде постои многу голема разлика во висината на цените, која не значи и голема разлика во квалитетот на производите. За да им помогнеме на родителите да направат најдобар избор по најдобри цени, ги споредивме цените на училишниот прибор во седум продавници и откривме дека разликите се навистина големи.
Но, пред да се упатиш во продавница по училишен прибор, треба да знаеш уште две други многу важни работи.
Наш прв совет е да ги испразниш фиоките од бирото, библиотеката, кутивчињата и сите други предмети во собата на твоето дете затоа што таму се кријат многу материјали за во училиште кои се нови или речиси нови и може да се користат и за оваа учебна година. Понекогаш, нешто што сте го купиле минатата година може да биде во добро состојба за повторна употреба. А, многу често не можете ни да се сетите што сте купиле претходната година. Детето, уште помалку знае што се се крие во неговата соба. Оваа „чистка“ може да ти заштети многу пари. Објасни им и на децата дека е многу важно да знаат да користат материјали од претходната година и да не бараат нови работи без потреба.
Купувањето материјали за во училиште заедно со детето најчесто е многу забавно затоа што ја поттикнува креативноста на детето и родителот ужива во неговата возбуда и радост. Но, може да биде и многу страшна и скапа авантура доколку детето сака да добие се што ќе му се допадне во продавницата. Затоа добро размислете дали е потребно набавката на материјалите за во училиште да ја направите сами, а со децата да направите само една блиц посета на книжарница за да си одберат некои ситници, како што се моливи, пенкала, гуми за бришење, маркери и слично.
И најважно и најдобро од се е да купувате производи на акција и со намалени цени. Пред почетокот на училишната година голем број продавници веќе објавија специјални попусти.
Ги споредивме цените на 6 производи кои се меѓу основните што треба да ги има секој ученик – дрвени боички, фломастери, темперни бои, водени бои, тетратки А5 формат и А4 формат. Ги споредувавме цените во Просветно дело, Тримакс, Офис плус, Жито маркети, Рамстор, Тинекс и во Кит-Го маркети.
Најевтините тетратки ги најдовме во Кит-Го маркети. Една тетратка А5 формат од 40 листа чини 12 денари. Потоа се цените во Рамстор, каде една тетратка чини од 17 до 99 денари. Може да се купат тетратки ии на кило, при што еден килограм чини 145 денари. Во Рамстор пресметале, дека цената на една тетратка во просек е 14,5 денари. Во Жито маркети една тетратка чини 25 денари, а во Просветно дело цените на А5 формат тетратките се движат од 24 до 150 денари, во Офис плус од 30 до 75 денари, а во Тинекс од 32 до 55 денари.
Големите тетратки А4 формат се најевтини во Рамстор, каде најниската цена е 39 денари, а највисоката 137 денари. Во Кит-Го маркети се 42 денари, во Офис плус цените се движат од 65 до 130 денари, во Тинекс од 75 до 84 денари, во Просветно дело од 80 до 22 денари, а во Жито маркети една тетратка е 79 денари.
Водените боички (до 20 бои) може да ги најдеш по најниска цена во Тинекс, каде најевтините се 43 денари, а најскапите 209 денари. Цените во Жито маркети се од 45 до 139 денари, во Рамстор од 50 до 169 денари, во Офис плус од 70 до 140 денари, во Просветно дело од 75 до 270 денари. Во Кит-Го маркети се продаваат по 49 денари.
Кутија со 10 темперни бои во Жито маркети чини 63 денари. Најевтината во Тинекс е 79 денари, а има и такви со цена од 215 денари. Цените на овој производ во Рамстор се од 89 до 129 денари, во Офис плус од 120 до 290 денари, во Просветно дело од 120 до 400 денари, а во Тримакс од 175 до 295 денари.
Сет до 12 фломастери во Тинекс се продава по цена од 42 до 89 денари, во Офис плус по цена од 45 до 250 денари, во Рамстор од 55 до 120 денари, а во Просветно дело од 60 до 280 денари. Во Кит-Го маркети чинат 73 денари, а во Тримакс од 85 до 220 денари.
Најниската цена на дрвените боички ја најдовме во Кито-Го маркети, каде 12 боички чинат 32 денари. Сет што содржи до 24 боички има цени од 33 до 169 денари во Тинекс, од 35 до 65 денари во Жито маркети, од 50 до 330 денари во Офис плус, од 75 до 189 денари во Рамстор, од 84 до 340 денари во Просветно дело и од 85 до 250 денари во Тримакс.
Пред да тргнеш во купување направи список на сите работи што се потребни за во училиште и пресметај колку ќе ти чинат. Подели го буџетот на категории, приоритети и продавници за да направиш шопинг по најдобри цени и со најголема заштеда.