Turkish Airlines објави промотивни цени на авиобилет – дали се најниски?

Turkish Airlines објави промотивни цени на авиобилети од Скопје до повеќе далечни дестинации. Дали вреди да се искористи оваа промотивна акција на Turkish airlines, која важи во периодот од 17 до 27 септември, кога треба да се купат билетите, а датумот на патувањето треба да биде од 5 ноември 2024 до 26 март 2025 година?

Со оваа акција на Turkish airlines се опфатени повеќе дестинации, како што се Њујорк, Мајами, Барселона, Дубаи, Занзибар, Сингапур, Шангај, Бали…

Цените на повратен авиобилет до Њујорк за периодот на патување од 18 до 30 ноември започнуваат од 495 евра. За Дубаи има почетна цена од 379 евра за патување во периодот од 18 до 25 ноември. Повратен авиобилет до Барселона во периодот од 25 до 30 ноември има почетна цена од 333 евра.

Цените за Сингапур започнуваат од 835 евра, за Маракеш од 363 евра, за Занзибар од 976 евра, за Шангај од 550 евра.

Направивме споредба на цените на авиобилети на Turkish airlines со понудата на други авиокомпании. Дали цените на Turkish airlines се најниски?

За Њујорк во промотивниот период цената на авиобилет со Lufthansa е 398 евра, што е драрстично поевтино од цената на Turkish airlines од 495 евра.

За Дубаи, Turkish airlines се неприкосновени со цените и со конекцијата затоа што летот трае најкратко.

Авиобилет за Барселона е убедливо најевтин со Austrian airlines затоа што во периодот 25-30 ноември чини 170 евра. Пониски се цените и на Air Serbia, Lufthansa и на Aegean airlines. За оваа дестинација Turkish airlines дефинитивно нема конкурентна цена и покрај промоцијата.

За Занзибар и Сингапур авиобилетите на Turkish airlines се најдобра опција, а за Маракеш конкурентни цени нудат и Swiss Airlines и Austrian Airlines.

Tvoipari.mk стои на располагање за повеќе информации, за што може да не контактирате на tvoipariinfo@gmail.com.