Дали веќе пуштивте греење во домовите? Сигурно често се прашувате што е попаметно да го оставите да грее цел ден иако не сте дома или да го палите и гасите по потреба? Кое решение е поевтино?
Некои домови издржуваат колку можат без греење, а некои го палат со првите ниски температури. Но, кога станува збор за централно греење, дали е вистина дека ако работи цел ден, штеди пари? Одговорот не е едноставен и зема предвид повеќе фактори.
Некои струќњаци сугерираат дека оставањето на греењето по цел ден за да се заштеди е само мит. Во ваква ситуација котелот ќе мора да работи цел ден за да одржува одредена температура, што значи цел ден ќе трошите енергија.
Но, ако го исклучувате по потреба, а вашиот дом е поладен, на котелот ќе му треба повеќе енергија за да загрее кога ќе дојдете дома и ќе го вклучите.
Затоа советуваат да користите тајмери. Тоа овозможува греењето да го вклучувате и исклучувате кога најмногу ќе сакате и не мора да се грижите дали сте го заборавиле вклучено.
Стручњаците се сложуваат дека најважна работа што треба да се земе предвид кога е во прашање ефикасното загревање на домот е да се открие каде топлината излегува од него.
Ако домот е добро изолиран, ќе троши многу помалку енергија без разлика дали греете по цел ден или користите тајмер. Ако загубите на топлина се помали, ќе потрошите помалку енергија за постигнување соодветна температура во домот.