Еден од најдобрите начини да заштедиш пари на топлинска и електрична енергија е да инвестираш во изолација на домот и во високо ефикасни технологии за ладење и греење. За таа цел имаш на располагање и поволни зелени кредити, т.н. зелени кредити со ниска каматна стапка и атрактивни услови за отплата.
Во моментот во земјава повторно е актуелна ГЕФФ програмата за енергетска ефикасност, која им помага на домаќинствата да инвестираат во високо ефикасни технологии со обезбедување финансиски средства преку локални банки партнери во Програмата.
Оваа програма нуди и грант, односно поврат на дел од вложените пари, како и заштеда на пари поради помала потрошувачка на енергија.
За што служат кредитите преку овие банки? За изолација на куќата, како на пример замена на столаријата, како и за инсталација на ефикасен систем за греење и ладење.
Во моментот, најниска каматна стапка на зелените кредити од ГЕФФ програмата нуди НЛБ банка, која има промотивен период до 31 декември 2024 година. Зелениот потрошувачки кредит на НЛБ банка има каматна стапка од 5% фиксна за целиот период на отплата доколку е обезбеден со животно осигурување. Со полиса за осигурување од незгода има каматна стапка од 5,20%.
Овој кредит е со максимален износ до 1,5 милиони денари и рок на отплата до 120 месеци доколку е без хипотека, а до 6 милиони денари и со рок на отплата до 240 месеци ако е со хипотека.
Кредитот за енергетска ефикасност на Комерцијална банка е со каматана стапка од 7,534% и со рок на отплата до 20 години. Како една од најголемите предности е што има поврат од во вид на грант. Максималниот износ на кредитот е до 50.000 евра.
Преку овој кредит може да финансираш инвестиции во енергетско ефикасни технологии за домот, како што се енергетски ефикасни прозорци, врати и застаклување, изолација на надворешни ѕидови, покрив, поткровје, под и на преградните ѕидови, печки/котли на биомаса, набавка на соларни колектори за топла вода, фотоволтаични системи, топлински пумпи (електрични или на гас), високоефикасно осветлување, нискотемпературно осветлување, балансирана механичка вентилација, акумулациски бојлери за топла вода.
Кредитот се нуди со две варијанти на обезбедување: со меница и менична изјава или со хипотека на недвижен имот.
И во Шпаркасе банка кредитната линија преку GEFF Програмата е наменета за финансирање енергетско ефикасни технологии во домот и ги поддржува следните инвестиции: Топлинска изолација на надворешни ѕидови и покрив, набавка на соларни панели и на топлински пумпи. Повратот на средства е 15% за необновливи технологии (прозори, врати, изолација, осветлување, вентилација) или до 20% за обновливи технологии (топлински пумпи, соларни и фотоволтаични панели, котли на биомаса), без разлика дали инвестираш во една или повеќе технологии.
Во Прокредит банка овој кредит е со номинална каматна стапка од 7,75% фиксна за период од три години, а за останатиот период е 5 пп + мес. камата на благајнички записи, мин 8,0%.
Максимален износ е 1 милион денари, а максималниот рок на отплата 7 години.
Провизија за исплата изнесува 2% или минимум 6.000 денари, и има трошок од 1.000 денари за аплицирање за кредитот.