Зачестени се телефонски позиви до граѓани од непознати лица, кои се претставуваат како претставници на друштвата Trade Planet и Nexperts и нудат „инвестирање преку светските берзи“ преку онлајн трговски платформи, а со цел да извршат финансиска измама.
Во земјите од регионот веќе се предупредуваат граѓаните да не влегуваат во деловен однос со овие лица затоа што станува збор за измама преку повлекување пари од картичка.
Биди претпазлив и доколку добиеш ваков повик:
- Прашај ја личноста што те повикала на кој начин го добила твојот телефонски број. Ако не си задоволен од одговорот или не добиеш одговор, прекини го разговорот.
- Ако не те интересира тргување со финансиски инструменти или криптовалути, или немаш никакво знаење за тоа, слободно одбиј ја понудата.
Овие продажни агенти често користат агресивни тактики, па те убедуваат дека сигурно ќе заработиш, ова е шанса што се случува еднаш во животот, акција што мора да ја искористишведнаш бидејќи трае само уште неколку часа/дена, уплати помал износ за да се увериш дека е лесно да се заработи, ќе добиеш ментор за помош.
Се јавуваат повеќепати дневно и не прифаќаат „не“ како одговор, а се претставуваат со имиња и презимиња кои се популарни и тешко проверливи, најчесто лица од локално говорно подрачје.
Ако сепак те интересира онлајн тргување, прво едуцирај се и провери дали друштвото преку кое сакаш да тргуваш има дозвола за такви услуги во земјава како брокерско или инвестициско друштво. Ако друштвото што те контактира не се наоѓа во регистрите, не влегувај во деловен однос со него. Ова особено важи за друштва „регистрирани“ на егзотични дестинации (Сејшели, Вануату, Свети Винсент и Гренадини), познати по слаба регулација и поврзаност со измами.
Знаци на можна измама кај брокерски друштва:
- Вработените те повикуваат често, по нивна иницијатива, и ти кажуваат кои налози да ги отвориш и по која цена.
- Постојано те поттикнуваат да уплаќаш дополнителни, сè поголеми износи.
- Твојот „ментор“ се јавува од телефонски број надвор од Македонија и тоа е единствениот начин на комуникација (нема писмен запис).
- Не можеш да го добиеш на бројот од кој претходно те повикувал.
- Често се менува лицето што ти е доделено како „ментор“.
- Престануваат да се јавуваат кога ќе побараш исплата на средствата или кога налозите ти носат загуба — токму тогаш „отишле на одмор“ или „се во болница“.
- Бараат да уплатиш дополнителен износ за „плаќање данок“ пред да ти ги исплатат средствата.
- Стануваат агресивни и непристојни кога поставуваш прашања, особено за исплата на пари.
Во таков случај, побарај исплата на средствата и прекини го деловниот однос. Ако се работи за друштво без дозвола за работа како брокер, кое не е од Македонија или е од егзотично островче, или ако воопшто не знаеш кој е називот и седиштето на друштвото, најверојатно станува збор за измама.
Клучно е пред секој деловен однос или уплата да провериш со кого соработуваш.





