АНАЛИЗА: Дали се намалија цените во маркетите по мерките на Владата?

Цените на храната во земјава во последните две години бележат невиден раст досега, така што граѓаните со право се револтирани и се прашуваат како да се снајдат со зголемените трошоци за храна? Постојат многу контрадикторни информации во јавноста за висината и растот на цените на прехранбените производи во земјава кои целата ситуација ја прават уште похаотична.

Од една страна се граѓаните кои секојдневно се шокираат од нови и повисоки цени во маркетите. Од друга страна се трговците кои ја замачкуваат работата со разни „попусти“, „акции“, „кампањи“ на дневна, неделна или месечна основа, за што секојдневно ги бомбардираат купувачите со известувања преку Вибер, e-mail, социјални мрежи небаре за без пари продаваат. И на крај, шлагот го ставаат министрите и пратениците од владејачката гарнитура со нивните изјави дека успеале да ги натераат трговците да си скратат од заработката и да ги намалат цените, со што придонеле како никој досега за заштита на животниот стандард на граѓаните.

Ајде да видиме како навистина стојат работите со актуелната скапотија, односно со движењето на цените на храната во маркетите. Колку навистина се пораснати цените во маркетите во последните 12 месеци и дали навистина се намалија по мерките на Владата?

Твои пари.мк има база на податоци за движењето на цените на над 200 прехранбени производи во последните 12 месеци во повеќе маркети во земјава, кои се објавувани на нивните веб-страни. Врз основа на расположивите податоци, во оваа анализа правиме споредба на цените во октомври 2022 година и во септември 2023 година.

 

Колку пораснаа цените во Рамстор?

Започнуваме прво со анализирање на цените на прехранбени производи во Рамстор маркетите, а во следните анализи ќе видиме како стојат работите и во други поголеми маркети.

Што покажува нашата анализа? Просечниот раст на цените на 185 основни прехранбени производи во Рамстор маркетите во септември годинава споредено со октомври минатата година изнесува 16,3%. Вредноста на кошничката од 185 избрани производи за кои се објавени цените на веб-страната на Рамстор во октомври лани изнесувала 38.456,00 денари, а на крајот од септември годинава 44.729,00 денари. Значи купувачите што ги избрале овие производи, а во нив влегуваат свежо и смрзнато месо, месни преработки, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, кондиторски производи, тестенини, зачини и други додатоци, за нив сега треба да платат над 6.000 денари повеќе.

 

Има ценовен раст и до 120%

Но, иако растот од 16,3% навидум изгледа незначителен, сепак кај некои производи има огромен раст на цените. Ова особено важи за прехранбени производи кои се користат речиси секојдневно и му се потребни на секое семејство. На пример, маслиново масло од еден литар е поскапо за дури 54%, зачинот „Зачинал“ од 500 грама е поскап за 49%, црвен пипер „Алева“ од 200 грама е поскап за 38%, тегла „Томи“ мајонез од 611 грама е поскапа за 36%, а „Полимарк“ мајонезот е поскап за 28%. Цената на тегла корнишони од брендот „Мама’с“ е повисока за фантастични 120%, на мини погачици на „Апетисимо“ е повисока за 37%, а кеса помфрит од еден килограм на „Фриком“ е поскапа за 70%.

Дефинитивно голем раст има кај цените на месните производи, кои се поскапени и до 61%, додека кај млечните производи дел се минимално поевтинети и тоа е особено забележливо кај кашкавалите, но останатите се со повисоки цени. Во делот на кондиторски производи, растот на цените се движи околу 15%, а само мал дел се останати со релативно исти цени.

 

Што кажуваат официјалните статистички податоци?

Иако во оваа анализа ги споредуваме цените во Рамстор маркетите, сепак тие се репрезентативен пример за реалните цени и може да ги споредиме со официјалните статистички податоци. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во август 2023 година во однос на август 2022 година, бележи зголемување од 8,3%, а индексот на цените на мало пораснал за 5,6%. Индексот на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци на годишно ниво е зголемен за 10,8%, при што најмногу поскапеле месото (13,9%), овошјето (21,3%) и зеленчукот (24,7%).