Домаќинствата, околу 170 илјади, кои имаат дигитални броила, од 1 декември на располагање повторно ќе ја имаат евтината дневна тарифа на струја. Од 13 до 15 часот. Сите други таа можност ќе ја имаат до крајот на месецот, откако екипите на ЕВН ќе направат рачно сетирање на броилата.
„Кога ја укинавме во декември 2021, тоа беше во услови кога имавме цени на електрична енергија по 300-400 евра по мегаватчас, а во текот на денот достигнуваше до 500, 600, 700 евра. Едноставно, тие трошоци не можеа да се издржат. Бевме принудени да ја укинеме, но тогаш ветивме – во првиот момент кога ќе се создадат технички и пазарни услови, ќе ја вратиме евтината тарифа“, наведе претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Воедно, укажа дека сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, утре ќе имаат евтина тарифа, а понатаму мерилата ќе се сетираат група по група.
„Не можат екипите на ЕВН одеднаш да заменат уште 400.000 броила, но до крајот на месецот ќе ја имаат 90 отсто“, вели Бислимовски.
Со враќањето на дневната тарифа, евтината струја ќе биде застапена во вкупно 11 часа од едно деноноќие.