Ќе поевтинат ли училишниот прибор и тетратките?

Дали ќе поевтинат училишниот прибор и тетратките по одлуката на Владата за ограничување на маржите на трговците и по инспекциските контроли? Ќе дознаеме за ден-два, па затоа почекај со купување ако се уште не си купил се што им треба на учениците.

Ако сакаш да ја искористиш можноста почетокот на учебната година да не те чини многу, направи и детална проверка на списокот и се што не е итно и важно остави го за понатаму. Не мора да ги преполниш фиоките со училишни материјали за цела година. А, ако се намалат цените, ќе можеш и да заштедиш.

Владата веќе ги повика трговците да ги усогласат цените на училишниот прибор со владината одлука за ограничување на профитните маржи. А, потрошувачите треба да пријавуваат неправилности во Државниот пазарен инспекторат на телефонскиот број 191.

Инспекторатот објави дека од утре  инспекторите ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали цените соодветствуваат на одлуката, но нема да влијае врз формирање на цените во трговијата на големо и на мало.

Според одлуката на Владата, највисоката трговска (профитна) во трговијата на големо не треба да биде поголема од 5 %, а во трговијата на мало од 10%. Овие ограничувања ќе важат до 20 октомври 2024 година.

Со оваа одлука се ограничува највисоката трговска т.е. профитна маржа на училишниот прибор како што се тетратки, ранци, боици, фломастери, пластелин, подлоги, маркери, мрсни и акрилни бои, водени бои, линеари, острилки, гуми за бришење, четки, шестари, детски ножици, футроли, училишни додатоци, компаси, дигитрони, креди, табли, чаши за прибор и држачи, како и други производи потребни за учениците кои ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани.

А, цените на училишниот прибор во книжарниците и маркетите не само пто се многу високи, туку и постојат огромни разлики. Како што веќе објавивме, со следење на цените и мудар избор, може да се направи голема заштеда кај подготовките за училиште, ставка која зафаќа голем дел од септемврискиот домашен буџет.