Нов обид за измама со понуда да купиш кутија со облека од Зара за 2 евра

Повторно се актуелни phishing објави на Фејсбук со кои се споделува лажна понуда на облека од светски познатиот бренд „Зара“. Станува збор за обиди за измама дека ќе добиеш голема кутија со облека за 2 евра доколку направиш онлајн нарачка со кликање на посочен линк.

Со објаснување дека ,,Zara® треба да се ослободи од облеката, обувките и накитот што останал по две сезони се испраќа спакувана во големи кутии и по специјална цена” се бара да кликнеш на копчето „Нарачајте сега“ и да пополниш формулар.

Објавата е илустрирана со фотографија од продавница со облека, а на неа фотошопирани се големи кутии на кои што пишува Зара. Наводно, овие кутии полни со машка и женска облека се нудат со огромен, но лажен попуст од само 2 евра.

Лажната понуда, ги наведува корисниците на социјалните мрежи, за да може да учествуваат, да клинкат на копчето „Order now“, кое пренасочува на друга веб-страница. Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и бара од корисниците информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата.

Кога ќе се отвори веб-страницата се појавува лажна наведувачка порака, и потоа се бара да одговориш на кратка анкета од три прашања за да добиеш мистериозна кутија за 125 денари.

Откако ќе одговориш на анкетата, веб-страницата дава можност да отвориш три кутии и едната од нив секако е добитна. Откако ќе те информира дека си добитник на мистериозната кутија, веб-страницата те води понатаму и бара да уплатиш 125 денари за испорака. Очигледно е дека целта на објавата е да се приберат податоци од следбеници на Фејсбук и да се испразнат нивните сметки.

На веб-страницата наведени се низа лажни коментари од профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди и кои тврдат дека наводно го добиле мистериозниот пакет за 125 денари. Лажни коментари од ботови има и на самата Фејсбук објава на која што се рекламира лажниот попуст.

Објавата е споделена од лажна Фејсбук група наречена Облека од залиха MK во која се злоупотребува името, брендот и логото на продавницата „Зара“. Ова е евидентно од самиот факт што станува збор за нова страница, без следачи, мал број на објави на неа и тоа сите се сомнителни, односно ја промовираат лажната наградна игра.

Од друга страна, пак, официјалната страница на Фејсбук на „Зара“ брои над 30 милиони следбеници и има сосема поразлична комуникација со клиентите на начин што се промовираат реални понуди, со цени и линкови кои водат кон официјалната веб-страница на брендот.