Сега може да префрлаш пари на твоите најблиски без трошоци. Новата платежна услуга Visa Direct, која од неодамна стана достапна во Македонија на сите корисници на Visa картички им овозможува да испраќаат средства директно на картичка, дома или во странство, без да плаќаат банкарски провизии.
Visa Direct е иновативна услуга која овозможува моментален трансфер на средства од една Visa картичка на друга – без потреба од банкарска сметка, SWIFT кодови или посета на експозитура. Сè што ти треба се податоците од картичката на примачот или неговиот телефонски број.
Кому му користи оваа услуга?
- На родителите што испраќаат џепарлак на своите деца во странство
- На партнери кои споделуваат трошоци, дури и кога не се во иста земја
- На иселеници кои редовно праќаат пари на своите семејства
- На пријатели што брзо си враќаат пари за заеднички вечери, подароци или патувања
Visa Direct не наплатува провизија за трансфер. Дополнително, исплатите се извршуваат во реално време или во рок од неколку минути, зависно од банката на примачот.
Visa Direct овозможува брз, сигурен и едноставен трансфер на средства помеѓу физички лица на два начини:
- кон број на Visa картичка доколку испраќачот го знае 16-цифрениот број на Visa картичката на примачот или
- кон мобилен број (Visa+), каде што се користи само мобилен број на примачот за да се реализира плаќањето. Испраќање со мобилен број (алиас т.е кон Visa+ корисник) е возможно само доколку примачот има креирано свој алиас (Visa+ профил) во банката каде што користи Visa картичка (ја поврзал својата картичка со алиас-мобилен број).
Веќе неколку банки ја нудат услугата Visa Direct за своите клиенти. Visa Direct и Visa+ се интегрирани на Е-банкинг сервисот на Стопанска банка Скопје и овозможуваат испраќање и примање пари во секое време директно на Visa платежни картички, брзо, лесно и сигурно.
Visa Direct сервисот е достапен за клиенти кои го користат е-банкинг сервисот на Банката и имаат активна платежна сметка, активна платежна картичка и ажурирани податоци.
Во моментов Visa Direct сервисот во Стопанска банка Скопје е достапен за пренос на средства само кон Visa картички во земјата, а најавено е дека наскоро ќе биде овозможен и за пренос на средства кон Visa картички издадени од странски банки.
И Комерцијална банка ја воведе новата дигитална услуга, која може да ја користат тие што имаат Visa Debit од Комерцијална банка. За таа цел треба да го регистрираат својот телефонски број и да ја додадат картичката во регистарот на Visa+ преку мБанка за да примаат пари директно на нивната дебитна картичка.
Ако си корисник на мБанка со можност за вршење трансакции, од твојата платежна сметка може да испраќаш пари на Visa дебитна картичка издадена од која било банка во земјата.
За да ја користиш Visa Direct да примаш пари на твојата Visa дебитна картичка, потребно е да имаш активна Visa Debit дебитна картичка од Комерцијална банка, да ја користиш мобилната апликација мБанка, да ја додадеш твојата Visa Debit дебитна картичка во регистарот на Visa+ и да го регистрираш твојот телефонски број за прилив на средства.
И во УНИБанка ја овозможи новата функционалност Visa+ преку апликацијата за мобилно банкарство. Целта на Банката е клиентите да реализираат трансфери на пари самостојно, поекономично и без дополнителни документи, a крајниот корисник да го добие вкупниот износ на средства. За да се изврши трансакцијата доволни се само телефонскиот број на примачот со регистрирана картичка во Visa+ или бројот на Visa картичка, име презиме и адреса на примачот.





